Во периодот од изминативе десетина дена, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 445 инспекциски контроли кај оператори со храна и изрече 15 забрани за вршење на дејност поради утврдени неправилности. Акцентот беше ставен на објектите и операторите со храна што се наоѓаат во близина на основни и средни училишта, каде учениците најчесто купуваат храна.
Преку контролите, АХВ заплени и уништи 696 килограми небезбедна храна и храна од непознати добавувачи.
Инспекциските проверки открија различни неправилности:
- 19 оператори ставале во промет небезбедна храна.
- 30 оператори не ги исполниле хигиенските стандарди за безбедност на храната.
- 26 објекти не биле регистрирани како оператори со храна.
- 16 оператори немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса.
- 32 оператори не спровеле задолжителен здравствено-саниратен преглед на вработените.
- 3 објекти не спровеле задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
- 7 објекти не ги задоволувале техничките услови за дејност.
- 7 оператори имале несоодветно означена храна.
За утврдените прекршувања се изречени и парични казни за 77 оператори, во вкупна вредност од 36.470 евра во денарска противвредност. Исто така, издадени се 103 решенија со наредби за отстранување на недоследности и 23 опомени.
Овие мерки имаат за цел да ја зголемат безбедноста на храната, особено кај младите потрошувачи, и да ги поттикнат операторите да ги почитуваат законските стандарди.
















