По цели 10 години неизвесност, Апелациониот суд донесе осудителна пресуда за гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов од Струмица, во врска со смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе во гевгелиската болница во 2015 година.
Двајцата лекари се прогласени за виновни за тешки дела против здравјето на луѓето, и добија условна затворска казна од шест месеци, која ќе се активира доколку во следните две години сторaт ново кривично дело. Предметот моментално е во рацете на Врховниот суд, откако адвокатите на обвинетите поднеле жалба.
Интересен момент е што делото застарува за само една недела, што дополнително го зголемува вниманието на јавноста околу исходот.
Случајот датира од 22 октомври 2015 година, кога Кадиева починала при царски рез во гевгелиската болница. Покрај гинеколозите, за истиот случај бил обвинет и анестезиологот Томчо Ванчев, кој во меѓувреме почина, како и уште еден анестезиолог, Зоран Јовановски, кој исто така починал пред завршување на постапката.
Првично, Основниот суд во Велес ги ослободи Чалков и Москов, а ја утврди вината само на Ванчев. Апелација двапати ја потврдуваше таа одлука. Но, по интервенција на Врховниот суд, предметот беше вратен повторно на одлучување, со барање да се разгледаат потенцијалните пропусти.
Апелација утврди дека гинеколозите постапиле несовесно и спротивно на медицинските протоколи. Според вештото лице, обвинетиот Чалков ја поставил дијагнозата „диспропорција на главата на бебето и родилните патишта“, што е апсолутна индикација за царски рез. Но, дијагнозата не била потврдена со дополнителни испитувања, а лекарите повикале пациентка на порано породување без подготвен медицински тим и без итна причина за интервенција.
Во образложението се наведува дека со ваквото постапување директно се прекршиле упатствата на Министерството за здравство за безбедно изведување на царски рез, објавени во Службен весник бр. 47 од 2015 година.
Со оглед дека застарувањето настапува за една недела, Врховниот суд има многу краток рок за конечно одлучување. Доколку пресудата стане правосилна, тоа ќе биде еден од ретките случаи во Македонија каде лекари се осудени за лекарска грешка што резултирала со смрт на родилка.