ПРВ.мк
Македонија

Со светлина и радост: Баба Слава ја прослави стотката со четири генерации околу себе

Со светлина и радост: Баба Слава ја прослави стотката со четири генерации околу себе
Kristal

Со голема возбуда, баба Слава Коцевска го одбележа својот стотен роденден, опкружена со најблиските и со честитки од градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски. Достоинствена и среќна, таа не го криеше задоволството што ја дели роденденската торта со четирите генерации од семејството, благодарејќи на сите за честитките со чиста мисла и убав збор.

„Љубовта од семејството отсекогаш била мојата движечка сила“, повторуваше баба Слава, а очите ѝ сјаеја со посебна светлина и жар бидејќи сите што ги сака беа до неа на најсреќниот ден.

И по еден век живот, баба Слава е витална и подвижна. Секое утро прво сама си го уредува домот, полека и со трпение, како што учела целиот живот. Средува во кујната, нејзините фиоки се секогаш перфектно наместени, а таа знае да каже: „Кога куќата е на место, и душата е на место.“

Нејзина пасија се везењето гоблени, плетењето и љубовта кон цвеќињата. Нејзиното најголемо богатство се луѓето околу неа: три деца кои ја слушаат како мудра книга, внуци што ја обожаваат и чукунвнуче што ја исполнува со младешка радост.

Во нејзиниот дом секој збор, совет и спомен останува како најубав украси, а баба Слава ги чува тие моменти со смирена насмевка и мек глас. Блиските велат дека е педантна и дека од неа научиле дека редот е важен за сè во животот.

„Сите со возбуда го дочекавме овој ден. Мајка ми беше будна уште од 3:00 часот. Ми рече: ‘Леле, плакарот не успеав убаво да го наредам, а луѓе ќе ни дојдат’“, раскажуваа со смеа нејзините.

Животната лекција што баба Слава постојано ја повторува на помладите е: да се живее без стрес и без нервоза. И покрај тоа што нема работно искуство, целосно се посветила на семејството, кое и возвраќа со љубов и грижа за сè што направила.

Escape