Земјоделците имаат можност до 25 декември 2025 година да поднесат барања за дополнителни директни плаќања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2025 година. Ова е шанса за сите земјоделски стопанства да обезбедат значителна финансиска помош за произведените култури и пчелни семејства.
Подмерка 1.2 – Дополнителни директни плаќања за житни култури и маслодојни растенија Оваа подмерка важи за пченица, јачмен, сончоглед, маслодајна репка и афионова чушка. Поддршката изнесува 6.000 денари по хектар за пченица, јачмен, сончоглед и маслодајна репка, додека за афионова чушка изнесува 18.000 денари по хектар. Корисници се земјоделски стопанства кои ја продале или складирале продукцијата кај регистрирани откупувачи, ја користеле за исхрана на добиток или за сопствен преработувачки капацитет.
Подмерка 1.5 – Дополнителни директни плаќања за градинарски култури Оваа подмерка опфаќа градинарски култури предадени во преработувачки капацитети од 26 декември 2024 до 25 декември 2025 година. Висината на плаќањето е 3 денари по килограм, освен за пиперката куртовска капија, која изнесува 4 денари по килограм, а во периодите мај-јуни и ноември-декември 2025 година дури 5 денари по килограм.
Подмерка 1.7 – Дополнителни директни плаќања за овошје За овошје предадено во преработувачки капацитети или кај регистрирани откупувачи (праски, вишни, малини, капини, аронија, гоџи бери, кајсии, јагоди, калинки и лешник), висината на поддршката изнесува 3 денари по килограм, освен за малина и лешник (5 денари по килограм) и за јаболка (2 денари по килограм). Лешникот е покриен за период од 15 септември 2024 до 31 март 2025 година, а јаболка од 15 август 2024 до 30 јуни 2025 година.
Подмерка 2.15 – Дополнителни плаќања за пчелни семејства Корисници се земјоделци регистрирани во Регистарот на одгледувалишта на пчели и пчелни матици. Висината на плаќањето е 2.000 денари по пчелно семејство вклучено во селекција за производство на пчелни матици.
Подмерка 2.16 – Директни плаќања за лабораториска анализа на мед Корисници се земјоделски стопанства кои имаат минимум 10 регистрирани пчелни семејства и направиле лабораториска анализа на физичките и хемиските својства на медот во 2025 година.
Како да аплицирате? Барањата се поднесуваат електронски преку системот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (www.ipardpa.gov.mk – Директни плаќања е-субвенции). Деталните упатства, листата на документи и условите за субвенции се достапни во полето „Известувања/упатства“ на линкот.
За сите прашања, земјоделците можат да се обратат и во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
















