Премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во „Топ тема“ на Телма телевизија истакна дека судиите во земјава бараат буџет за правосудството кој е дури 75 отсто над просекот во ЕУ, но, според него, не покажале резултати кои би ја оправдале таа сума.
– Анализата покажува дека Македонија издвојува 0,39 отсто од БДП за правосудството, додека европскиот просек е 0,31 отсто, а медијаната 0,28. Во споредба со земјите кои се стремат кон ЕУ, како Албанија, Молдавија и Грузија, буџетот за судството кај нас е значително поголем, потенцира Мицкоски.
Премиерот објасни дека законските измени предвидуваат барање на минимум 0,8 отсто за судството и 0,5 отсто за обвинителството, што според него е нереално, бидејќи би значело тројно зголемување во однос на земјата која издвојува најмногу за правосудството во Европа.
Мицкоски нагласи дека плата на судија почетник во Македонија е 19.170 евра бруто, додека во Словенија е 34.101 евро, со што според него се гледа дека пропорциите се неспоредливи. Тој истакна дека претседател на суд во земјава зема плата од околу 180.000 денари, додека неговата како премиер е 155.000 денари.
Премиерот подвлече дека владата не се меша во судството, но е одговорна за трошењето на секој денар од буџетот, истакнувајќи дека не гледа потреба од зголемување на буџетот за судството во вакви услови.
Мицкоски додаде дека владата се бори против криминалот и корупцијата, наведувајќи примери за истраги и кривични пријави против високи функционери, како и случаи на фатени со мито директори и судии.
– Обвинителите и судиите не ја искористија шансата да спроведат правда. На сите анкети направени, граѓаните најмала доверба имаат токму во судството и обвинителството, нагласи Мицкоски.
















