Македонските патници оваа зима ќе имаат можност да летаат кон 10 нови дестинации од двата македонски аеродрома, најави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“. Новите линии ќе бидат дел од зимскиот распоред на летови 2025/26 година, кој започнува на 26 октомври и ќе трае до крајот на март.
„Нашиот тим за развој на мрежата на рути преговара со авиокомпании за воспоставување директни воздушни врски со Данска, Финска и Блискиот Исток. Од постојните пазари во наредниот период, ќе се фокусираме на поголема поврзаност со Шпанија и Обединетото Кралство“, истакна Курт.
Девет од новите линии ќе ги опслужува „Визер“. Летови од Скопје ќе бидат воведени кон Бари и Стокхолм на 27 октомври, а истовремено од Охрид ќе почне линијата до Базел. На 28 октомври, Скопје ќе биде поврзано со Мадрид и Ларнака, а од 15 декември – првпат и со Прага, додека се враќаат и линиите до Келн.
Дополнително, од 30 март 2026 година, „Визер“ ќе ја врати редовната линија од Скопје до Будимпешта и ќе отвори нова дестинација до Неапол, додека од Охрид ќе се лета кон Милано. Десеттата нова дестинација е линијата од Скопје до Женева, која ќе ја врати „Изиџет“ на 3 ноември.
Вкупно, зимскиот ред на летање за Скопје ќе опслужува 49 редовни дестинации преку 17 авиокомпании и 13 чартер дестинации, обезбедувајќи значително проширување на воздушните врски за македонските патници.