Немил настан го потресе Скопје и повторно ја отвори темата за безбедноста и приватноста во студентските домови. На 16 октомври 2025 година, околу 20:10 часот, во СВР Скопје била поднесена пријава од 22-годишна девојка од Прилеп, која престојува во студентски дом во населбата Карпош.
Според пријавата, инцидентот се случил истиот ден, нешто по 17:00 часот, кога девојката се туширала во заедничките простории на домот. Во еден момент, забележала мобилен телефон поставен над параванот, кој очигледно бил насочен кон неа.
Шокот станал уште поголем кога набргу А.М. (22) од Богданци ѝ признал дека токму тој ги направил фотографиите. Девојката веднаш го пријавила случајот во полиција.
Лицето е приведено и задржано во полициска станица, а од него биле одземени лаптоп и мобилен телефон, кои ќе бидат вештачени како дел од истрагата.
СВР Скопје информира дека се преземаат сите потребни мерки за целосно расчистување на случајот, вклучително и утврдување дали има дополнителни жртви или евентуално споделување на снимениот материјал.
Овој инцидент предизвика голема вознемиреност меѓу студентите и повторно го отвори прашањето: колку се навистина заштитени младите во студентските домови?













