Грција подготвува голема промена во оданочувањето на недвижностите за купувачите кои доаѓаат од земји надвор од Европската Унија. Според најавите, данокот на промет на недвижности за оваа категорија купувачи треба да се зголеми петкратно – од сегашните 3 на 15 проценти.
Планот го најавил грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на Меѓународниот саем во Солун, а повисоката даночна стапка се планира да започне да се применува од 1 јули 2027 година. Мерката треба да важи за физички лица од земји кои не се членки на ЕУ, додека деталите сè уште се разработуваат.
За странските купувачи финансиската разлика би била огромна. За недвижност вредна 300.000 евра, наместо досегашните 9.000 евра, данокот би изнесувал 45.000 евра. Кај недвижност од 500.000 евра, даночната обврска би скокнала од 15.000 на дури 75.000 евра.
Со мерката грчките власти очекуваат да го ограничат притисокот што странската побарувачка го создава врз цените на недвижностите и да го направат домувањето подостапно за домашното население.
Сепак, остануваат повеќе отворени прашања. Сè уште не е прецизирано како правилата би се применувале за државјани на трети земји со постојан престој во Грција, за мешани семејства или кога недвижноста заеднички ја купуваат повеќе лица.
Како една од можните алтернативи се споменува купување недвижност преку компанија регистрирана во Грција, но и оваа опција носи дополнителни правни и административни услови и не е соодветна за секој купувач.







