Септември за многу македонски семејства не значи само почеток на новата учебна година, туку и еден од финансиски најтешките периоди во годината. Училишниот прибор, новата гардероба за децата, зимницата и подготовките за грејната сезона можат за кратко време да создадат трошок од десетици илјади денари.
Според анализата на весникот „Вечер“, четиричлено семејство со две деца може да потроши од околу 85.000 до 100.000 денари доколку во истиот период треба да ги покрие главните есенски трошоци.
Само подготовката за училиште за две деца, во која влегуваат ранци, тетратки, прибор, боички, блокови, опрема за физичко и други потреби, може да чини од 8.400 до 15.000 денари.
Дополнителен товар е есенско-зимската гардероба. Патики, јакни, тренерки, панталони, блузи и останатата неопходна облека може да чинат од 8.000 до 12.000 денари по дете. За две деца тоа се дополнителни 16.000 до 24.000 денари, а со поскапи производи сумата може да надмине и 30.000 денари.
Голем дел од семејниот буџет оди и за огрев. Според наведените пресметки, за домаќинство што троши од осум до десет просторни метри дрва, трошокот може да изнесува приближно од 32.000 до 45.000 денари.
Уште поскапо може да поминат домаќинствата што се греат на пелети. Со наведени цени од околу 14.500 до 22.000 денари за тон и потрошувачка од четири до шест тони во сезона, сметката може да се движи од 58.000 до дури 132.000 денари.
На ова се додава и традиционалната подготовка на зимница. За семејство што подготвува ајвар, туршија, пиперки, доматен сос, малиџано, џемови и други производи, проценетиот трошок се движи од околу 8.000 до 15.000 денари, а во зависност од количината може да биде и поголем.
Есенските трошоци поголеми од цела плата
Проблемот станува уште поизразен кога овие суми ќе се споредат со приходите. Според анализата, двајца родители кои примаат минимална плата располагаат со вкупно околу 52.100 денари месечно.
Ако есенските трошоци достигнат 85.000 денари, тоа е повеќе од една и пол нивна заедничка месечна заработка. Дури и кај семејство во кое двајцата родители земаат просечна плата и заедно располагаат со околу 96.800 денари, ваквиот пакет трошоци би „изел“ речиси цел месечен приход.
А во овие пресметки не влегуваат редовните трошоци за храна, струја, вода, интернет, телефони, превоз, кредити или кирија, лекови и останатите секојдневни потреби.
Поради тоа, многу семејства трошоците ги распределуваат во повеќе месеци, купуваат на попусти или на рати, а неретко финансиска помош добиваат и од бабите и дедовците.
За многумина, септември така станува месец на внимателно пресметување – што мора да се купи веднаш, што може да почека и што може да се префрли за следната плата.







