ПРВ.мк
Македонија

Независните кандидати ќе можат да учествуваат на локалните избори без собирање потписи

Независните кандидати ќе можат да учествуваат на локалните избори без собирање потписи
Escape

На претстојните локални избори ќе може да учествуваат и независни кандидати за градоначалници и листи за советници, што произлегува од изјавата на претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, дадена по усвојувањето на роковите за изборите. Тој се повика на членот 60 од Изборниот законик, појаснувајќи дека ДИК нема право никому да му го ускрати законското право да учествува на избори.

Кондарко рече дека согласно Уставот и Законот, секој граѓанин има право да гласа и да биде избран, и дека тоа право не може да му биде одземено на никого. Според него, членот 60 од Изборниот законик јасно гарантира право на учество на изборите како за политички партии и коалиции, така и за групи избирачи, односно и за независни кандидати.

Ова појаснување на Кондарко дојде како реакција на еден од заклучоците усвоени на денешната седница на ДИК, со кој беше укинат Правилникот на ДИК за регулирање на постапката за собирање потписи. Како што објасни претседателот на комисијата, укинувањето е во согласност со одлуката на Уставниот суд, кој ги укина членовите 61 и 62 од Изборниот законик што се однесуваа на зголемување на квотите за потребните граѓански потписи што независните кандидати за градоначалници и за листи за советници требаа да ги соберат за да се пријават на избори.

Кондарко нагласи дека ова не претставува одлука на ДИК, туку директна примена на законската регулатива, која ја следи одлуката на Уставниот суд за укинување на овие членови од Изборниот законик поврзани со бројот и процентот на потребни потписи за кандидатура.

Во член 60, став 1 од Изборниот законик, на кој се повика Кондарко, е наведено: „Право да поднесат листа на кандидати за пратеници, листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник имаат регистрираните политички партии самостојно, коалиции, како и група избирачи.“

Независноста на учеството на кандидати без собирање потписи беше неизвесна поради укинувањето на овие членови во мај годинава. Измените на Изборниот законик што ги вклучуваа овие квоти беа донесени во март минатата година, пред претседателските и парламентарните избори, и требаше да се применуваат на локалните избори во 2025 година. Меѓутоа, Собранието не донесе нови измени во законската регулатива од тогаш.

За потврда на ова право, универзитетскиот професор Денис Прешова во интервју за „Призма“ истакна дека независните кандидати имаат право да учествуваат на избори без потреба да собираат потписи, посочувајќи дека Изборниот законик во моментот не предвидува конкретен број или процент на потписи за поднесување листа на кандидати.

Инаку, претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска официјално ги распиша изборите. Првиот изборен круг за градоначалници и за советнички листи е закажан за 19 октомври, додека вториот круг за градоначалници ќе се одржи на 2 ноември.

Mia Home Mavrovo