ПРВ.мк
Македонија

АМЕРИКАНЕЦ ПАДНА НА ЦАРИНА: Во пратки пронајдени кокаин, метамфетамин и екстази

АМЕРИКАНЕЦ ПАДНА НА ЦАРИНА: Во пратки пронајдени кокаин, метамфетамин и екстази

Царинската управа на Македонија спречила обид за шверц на дрога, при што бил уапсен државјанин на САД осомничен дека се обидел да внесе кокаин, екстази и метамфетамин преку поштенски пратки пристигнати од Франција.

Според официјалните информации, пратките биле адресирани до осомничениот со иницијали Ј.Е. и пристигнале во Центарот за пошта. При рутинска скенерска контрола, царинските службеници забележале сомнителна содржина, по што биле ангажирани дополнителни единици и службено куче за откривање дрога.

По детална проверка било утврдено дека во четири одделни пратки биле скриени вкупно околу 20 грама МДМА (екстази), 12,5 грама метамфетамин и 8 грама кокаин.

Осомничениот бил приведен по налог на јавен обвинител во моментот на преземање на пратките. Потоа бил извршен и претрес во неговиот дом, каде биле пронајдени дополнителни сомнителни предмети, меѓу кои стаклени шишенца со растителна материја, прибор за консумирање и ампули тестостерон.

Сите пронајдени супстанции се одземени и испратени на вештачење, а против лицето ќе биде поднесена кривична пријава. Надлежните институции продолжуваат со истрагата за евентуална поширока мрежа на нелегална трговија.