Водата од јавниот водовод во Берово, кој го одржува ЈПКР „Услуга“, од вечерва не смее да се користи за пиење и готвење, туку исклучиво како техничка вода. Градот и околните села поврзани на истиот систем се соочуваат со сериозна рестрикција – остануваат без безбедна вода за основните секојдневни потреби.
Одлуката е донесена од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), преку Секторот за инспекциски надзор – ПЕ Берово, по спроведена анализа на водата. Инспекцискиот надзор покажал дека водата содржи зголемена концентрација на манган, што е над дозволените граници предвидени со Правилникот за вода за пиење.
Јавното претпријатие за комунални работи „Услуга“ потврди дека забраната ќе остане на сила сè додека водата не биде преработена и прочистена во целост, со што ќе ги исполни сите пропишани стандарди за безбедност и здравје на граѓаните.
На претпријатието му е наложено веднаш да преземе мерки за прочистување и стабилизирање на водоснабдувањето, со цел повторно воспоставување на нормална и безбедна дистрибуција.
Од Општина Берово апелираат граѓаните водата од чешмите да ја користат само за технички цели, како што се чистење или перење, додека не пристигнат официјалните резултати од акредитираната лабораторија кои ќе потврдат дека водата повторно е безбедна за консумација.
Оваа мерка ќе трае сè додека не се добијат лабораториски резултати што ќе ја потврдат исправноста на водата, а јавноста ќе биде навремено информирана за секоја промена во состојбата.
















