Случајот од крушевското село Јакреново, кој деновиве предизвика силни реакции на социјалните мрежи, е целосно расчистен од полицијата. Објавеното видео, на кое 15-годишно девојче држи ловечка пушка насочена кон главата на својот 11-годишен брат, ја вознемири јавноста и го отвори прашањето за безбедноста и одговорното чување оружје во домовите.
Полициски службеници од ОВР Крушево интервенирале на 14 ноември 2025 година околу 13 часот. Во домот на семејството било пронајдено и одземено легално поседуваното оружје – ловечка пушка, ременик и дозволата за поседување оружје. Овие предмети биле во сопственост на таткото, Ф.А. (44) од селото Јакреново.
По спроведените мерки и консултации со јавен обвинител, утврдено е дека инцидентот се случил во семејниот дом и дека пушката била легално регистрирана. И покрај тоа, полицијата оценува дека оружјето било недоволно заштитено и достапно за малолетници, што претставува сериозна повреда на законските обврски за чување на огнено оружје.
Оружјето е одземено, а по целосно документирање на предметот против Ф.А. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Инцидентот предизвика голема загриженост во јавноста, бидејќи вклучува малолетни лица и ризична ситуација со огнено оружје. МВР соопшти дека ќе продолжи со засилен надзор и санкционирање на неодговорното чување и користење оружје, со цел да се спречат слични случаи во иднина и да се заштити безбедноста на децата и граѓаните.
ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА
















