Група граѓани кои во изминатите години работеле во американските бази во Ирак и Авганистан денесво 12 часот ќе протестираат пред зградата на Управата за јавни приходи (УЈП) во Куманово. Причината за протестот е ретроактивното оданочување на доходите остварени од странство.
Еден од засегнатите граѓани истакна дека поради коронавирусот во 2020 година бил „заробен“ во Авганистан и не можел да се врати во државата. Сега УЈП му бара да плати 10% од платите за пет години наназад, иако претходно му било кажано дека нема обврска за данок. „Се закануваат со извршители, а јас четири години сум невработен и немам од каде да платам“, додава граѓанинот.
УЈП започна проверка на приходите на граѓаните од странство за период од пет години наназад и испрати писма до засегнатите. Според анализите на податоците на УЈП, околу 9.000 лица во 2020 година оствариле доход од странство што подлежи на оданочување, но не бил пријавен.
Иако Македонија има склучено договори со 49 држави за избегнување на двојно оданочување, граѓаните кои сега се таргетирани од УЈП мора да докажат дека данокот бил платен во странство.
















