И покрај најавите и формалните повици, Собранието ја завршува годината со бројни блокирани процеси, а клучните закони сè уште немаат јасна временска рамка за разгледување. Претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, призна дека недостасува политичка волја кај партиите за формирање работни тела и комисии, и покрај тоа што процедурите одамна се отворени.
Еден месец по испраќањето писма до пратеничките групи за именување членови во работното тело за изработка на нов Изборен законик, одговор доставила само партијата Левица. Без учество на останатите партии, процесот останува целосно закочен, и покрај тоа што постојат експертски предлози подготвени претходно.
Иста блокада се бележи и кај Анкетната комисија за Кочани. И покрај најавата за формирање, партиите не доставуваат предлози за членови, што ја прави комисијата нефункционална уште пред да биде конституирана. Гаши истакна дека без формални предлози до Комисијата за избори и именувања, не може да се закаже ниту конститутивна седница.
Дополнителен проблем претставува и изборот на Народен правобранител. Поради немање Бадинтерово мнозинство, постапката е запрена, а институцијата функционира во вонредни услови, при што вработените со месеци не земаат плата. Гаши најави нови обиди за компромис, но без конкретен рок за завршување на процесот.
Во однос на реформите во Изборниот законик, иако експертски текст веќе е изработен, јавно презентиран и доставен до Собранието, повторно се најавува формирање ново работно тело, со можност измените да се подготвуваат и надвор од парламентот, во рамки на Министерството за правда.
На критиките за доцнењето во носењето закони од суштинско значење за граѓаните, Гаши се повика на кадровски и технички ограничувања, посочувајќи дека Собранието нема сопствени експертски капацитети за изработка на комплексни законски решенија.
Поконкретна временска рамка е најавена само за Кривичниот законик, кој според Гаши, ќе се најде на дневен ред во јануари, со цел да се овозможи поширока јавна и пратеничка дебата. Новиот Закон за Судскиот совет, пак, ќе биде ставен на гласање во наредните денови, по што ќе продолжи постапката за избор на нов член на Советот според изменетите правила.
Една од ретките позитивни најави е дека по Нова година парламентот ќе продолжи со редовен работен режим и нема да заседава само за време на законските празници.
















