Граѓани од Скопје денеска протестираа на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“, барајќи фабриката „Усје“ да се премести надвор од градот. Организаторите од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ велат дека цементарницата континуирано го загадува воздухот во Скопје и дека странскиот капитал, преку интернационални директори, ги загрозува здравјето на граѓаните.
„Последните месеци истражувавме работењето на фабриката и заклучивме дека ‘Титан’ често има слични проблеми и во други земји како Америка и Египет. Станува збор за мафија која наоѓа легални начини да го оправда тоа што го прави“, изјави Петар Керамитчиев од „Стоп за Усје“. Протестот, според организаторите, е предупредување и најавија дека евентуални блокади на сообраќајот ќе следат по празниците.
Од „Титан Усје“ ги отфрлија обвинувањата, наведувајќи дека фабриката е континуирано контролирана од Државниот инспекторат за животна средина. Последниот увид бил извршен на 18 декември, а претходниот на 18 ноември, при што не биле констатирани отстапувања од законските лимити.
Компанијата објасни дека системот за филтрирање е високо ефикасен, со по 2.000 вреќи во секој филтер кои ја запираат прашината и ја враќаат во производниот процес. „Филтрите се неразделив дел од производната линија и секогаш работат кога печките се во функција“, наведоа од „Усје“.
Тие додадоа дека податоците покажуваат дека загадувањето во градот не е поврзано со работата на фабриката – во зимските месеци, кога амбиенталниот воздух е најзагаден, печките се исклучени поради годишни ремонти, додека во лето, кога печките работат со полн капацитет, квалитетот на воздухот е најдобар.
„‘Титан Усје’ поседува А-Интегрирана еколошка дозвола и врши 24-часовен мониторинг на издувните гасови според европски стандарди. Редовните мерења покажуваат дека не се надминуваат законските граници, а кај дел од показателите вредностите се неколкукратно пониски од дозволените“, велат од компанијата.
















