Детската клиника се соочува со сериозен недостиг на медицински кадар, поради што Одделот за имунологија ќе биде споен со Одделот за пулмологија, соопшти директорот Реџеп Мемеди.
Причината, како што посочи, е тоа што Министерството за финансии не дало согласност за продолжување на работниот ангажман на дел од персоналот, поради што состојбата станала алармантна.
Според Мемеди, од околу 50 лица за кои не е одобрено ангажирање, дури 23 се медицински работници – 18 медицински сестри, четворица лаборанти и еден биолог, додека останатите се административен и технички персонал.
И покрај намалениот капацитет, директорот уверува дека ниту едно дете нема да биде вратено и дека Клиниката ќе продолжи да ги згрижува сите пациенти.
Одговарајќи на критиките дека навреме не бил обезбеден буџет за договорниот персонал, Мемеди истакна дека Клиниката и оваа година обезбедила средства за нивните плати, исто како и лани, кога Министерството за финансии дало согласност за нивно ангажирање.
Од друга страна, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека Клиниката требало навреме да планира средства за нови вработувања и отфрли дека Министерството одбило согласност за лекари и медицински сестри.
И покрај кадровските проблеми, статистиката покажува позитивни резултати. Во првиот квартал од 2026 година, Детската клиника ја забележала најниската стапка на смртност кај хоспитализираните пациенти во последните 17 години, која изнесува 0,27 проценти и е речиси двојно пониска во споредба со истиот период лани.







