ПРВ.мк
Македонија

МВР покрена постапка: Полицаец суспендиран по пукање пред гости

МВР покрена постапка: Полицаец суспендиран по пукање пред гости

Полицаец пукал на семејна прослава – му се заканува отказ и кривична пријава

Полициски службеник од Полициската станица за граничен надзор Чашка се соочува со кривична и дисциплинска постапка, откако, според Министерството за внатрешни работи, испукал повеќе истрели од огнено оружје за време на семејна прослава.

Од МВР информираат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднел кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство поради сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“.

Според информациите, инцидентот се случил на 22 мај 2026 година во дворот на неговата семејна куќа, каде што во присуство на поголем број гости полицискиот службеник испукал повеќе куршуми од огнено оружје, со што, според МВР, ја загрозил безбедноста на присутните.

Покрај кривичната пријава, против него ќе биде поведена и дисциплинска постапка за утврдување одговорност поради кршење на работниот ред и дисциплина.

Од Министерството најавуваат дека ќе биде предложена и мерка за негово отстранување од работното место, односно суспензија, која ќе важи до завршување на дисциплинската постапка.

Надлежните институции продолжуваат со постапката за целосно расчистување на случајот.