Белите траги што ги гледаме зад авионите на небото се кондензациски траги, составени главно од ситни ледени кристали. Нивното појавување, траење и изглед зависат од условите во атмосферата на височината на која лета авионот.
Комерцијалните авиони најчесто летаат на височина од околу осум до 12 километри, каде температурите можат да бидат и под -40 степени Целзиусови. Жешките и влажни издувни гасови од моторите при мешањето со многу студениот воздух можат да создадат ситни капки кои речиси веднаш замрзнуваат и формираат ледени кристали.
Токму затоа не секој авион остава иста трага. Ако воздухот на таа височина е сув или недоволно студен, трагата може воопшто да не се формира или брзо да исчезне. Ако, пак, воздухот е доволно влажен и студен, трагата може да остане видлива многу подолго.
Во одредени атмосферски услови, кондензациските траги можат да се задржат со часови и постепено да се шират под влијание на воздушните струења. На тој начин можат да прераснат во високи облаци слични на цирусите.
Интересна појава се и испрекинатите траги зад авионите. Иако авионот може да лета на иста височина и со непроменета работа на моторите, тој поминува низ воздушни слоеви со различна температура и влажност. Затоа трагата на едно место се појавува, а само неколку моменти подоцна исчезнува.
Покрај трагите од издувните гасови, во одредени услови може да се појави кондензација и околу крилата на авионот поради локалните промени на притисокот и температурата.









