Тату-мајсторката Грејси Сонгер од Јута за својата свадба сакала венчаница што нема да личи на ниту една друга. Наместо да потроши илјадници долари на скап модел од салон, таа пронашла решение на сосема неочекувано место – во семејниот подрум.
Таму со децении се чувала стара бела постелнина од тантела која нејзината мајка Ребека ја купила уште во 1992 година. Заедно, мајката и ќерката ја претвориле оваа семејна реликвија во уникатна венчаница со посебна емотивна вредност, пишува „People“.
Грејси отсекогаш знаела дека за својот голем ден не сака класична венчаница. Нејзината желба била сама да создаде нешто уметничко, необично и лично.
Пред свадбата во јуни 2026 година сепак посетила салон за венчаници, но не со намера да купи фустан. Сакала само да види какви кроеви и материјали најдобро ѝ прилегаат.
„Цел живот знаев дека мојата венчаница ќе биде различна од сè што веќе постои“, раскажала таа.
Иако моделите што ги пробала биле убави, ниту еден не предизвикал чувство дека го пронашла вистинскиот фустан.
Пресвртот се случил кога заедно со мајка ѝ почнале да бараат материјал за венчаницата што Грејси ја замислувала. Сакала нешто лесно, меко и нежно, со текстура слична на постелнина.
Во еден момент, додека размислувале каков материјал да употребат, Грејси побарала од мајка ѝ да донесе обичен чаршаф за да проверат како би изгледала таква ткаенина.
Но Ребека се сетила на нешто што со години било складирано во подрумот.
„Рече: ‘Чекај... мислам дека се сетив на нешто’. Отиде во подрумот и кога се врати, сè се промени“, раскажала Грејси.
Мајка ѝ донела бела постелнина изработена од Battenberg тантела.
Се покажало дека Ребека ја купила постелнината во далечната 1992 година, кога имала само 16 години и работела во тогашната стоковна куќа ZCMI. Ја зачувала во својата „шкриња за мираз“, следејќи ја традицијата младите девојки однапред да собираат предмети што еден ден би ги користеле кога ќе создадат свое семејство.
„Можеше да купиш шишенце за бебе надевајќи се дека еден ден ќе имаш дете или, како во овој случај, убава постелнина надевајќи се дека еден ден ќе се омажиш“, објаснила Грејси.
Токму приказната зад материјалот ја убедила дека го пронашла она што го бара.
Наместо обична ткаенина купена специјално за свадбата, нејзината венчаница била создадена од предмет кој нејзината мајка го чувала цели 34 години.
Така, старата постелнина добила сосема нов живот, а Грејси добила венчаница која не само што била уникатна, туку носела и дел од семејната историја.










