Добри резултати се постигнуваат со работа во согласност со европските прописи, што ја подобрува состојбата на водата низ цела Европа.
Иако повеќето луѓе во летните месеци преферираат да одат на море, Европа може да се пофали со многу езера и реки кои се исклучително чисти и со висок квалитет на водата.
Последниот извештај на Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА) покажува дека Бугарија, Романија и Грција се државите со најчисти води.
Извештајот, направен во соработка со Европската комисија, годишно ги рангира најчистите води за капење во земјите од ЕУ, како и во Швајцарија и Албанија. Во проценката се вклучени бактериолошки тестови за загадувачи како Ешерихија коли (E. coli) и цревни ентерококи, кои може да дојдат преку отпадни води или истекување од земјоделско земјиште. Националните и локалните власти тестираат илјадници места – плажи, реки и природни базени.

„Можеме да бидеме задоволни што огромното мнозинство од нашите води за капење се доволно чисти. Ова е резултат на систематска работа во согласност со правилата на ЕУ, што постепено ја подобри здравствената состојба на водите,“ истакна Лена Ила-Мононен, извршна директорка на ЕЕА.
Таа додаде дека и покрај постигнатото, уште многу треба да се направи за да се одржи и подобри чистотата на водите, особено со оглед на климатските промени и прекумерната употреба.
Извештајот посочува дека крајбрежните места имаат повисок процент на „одлични“ оценки – 89% од крајбрежните локации во Европа добиле највисока оценка, додека кај внатрешните локации тој процент е 78%.
Во Бугарија, како пример на чиста вода, се издвојува Пчелина, додека во Романија езерото Ќуперка доби највисока оценка. Грција, покрај своите познати морски плажи, се истакнува и со чисти реки и езера кои вреди да се посетат.
Покрај овие земји, и Австрија и Финска се рангираа високо на листата на земји со најчисти реки и езера во Европа.