ПРВ.мк
Магазин

ОД СКОПЈЕ ДО НОБЕЛОВАТА НАГРАДА: Денеска се одбележува денот кога е родена жената која го промени светот!

ОД СКОПЈЕ ДО НОБЕЛОВАТА НАГРАДА: Денеска се одбележува денот кога е родена жената која го промени светот!

Денеска, 26 август, се одбележуваат 116 години од раѓањето на Мајка Тереза, една од најпознатите личности со потекло од Скопје, чиј живот и хуманитарна работа оставиле трага ширум светот.

По повод годишнината од нејзиното раѓање, владина делегација предводена од првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали денеска ќе положи цвеќе пред спомен-плочата поставена на местото каде што се наоѓала родната куќа на Мајка Тереза, во центарот на Скопје.

По оддавањето почит, Сали ќе даде изјава за медиумите.

Централната манифестација по повод роденденот на Мајка Тереза ќе се одржи во Музејот на современата уметност. Настанот ќе биде под покровителство на првиот вицепремиер Сали, а меѓу присутните гости ќе биде и премиерот на Република Косово, Албин Курти.

Родена во Скопје како Агнеса Гонџа Бојаџиу

Мајка Тереза е родена на 26 август 1910 година во Скопје, а нејзиното вистинско име било Агнеса Гонџа Бојаџиу.

Нејзиното родно место се наоѓало на тогашната улица Поп Кочина број 14, на локација која денес се наоѓа во просторот на плоштадот Македонија.

Гонџа била најмладото дете во семејството. Имала постара сестра Ага и постар брат Лазар. Потекнувала од добро ситуирано семејство, во кое од најмала возраст била негувана идејата дека треба да му се помогне на секој човек кој има потреба од помош.

Токму таа животна определба подоцна ќе стане една од главните карактеристики на нејзината мисија.

Според податоците за нејзиниот живот, на 12-годишна возраст Гонџа почувствувала религиозен повик и донела одлука својот живот да го посвети на духовната служба и помагањето на другите.

Шест години подоцна, на 18-годишна возраст, таа го напуштила родниот Скопје. Од железничката станица во градот заминала заедно со својата мајка Драна и сестрата Ага кон Загреб.

Од таму Гонџа продолжила кон Даблин, Ирска. Таа била последната средба со мајка ѝ и сестра ѝ, бидејќи подоцна повеќе не се сретнале.

Живот посветен на најсиромашните и најранливите

Нејзината животна приказна продолжила далеку од Скопје, а со текот на годините станала позната по својата работа со сиромашните, болните и луѓето кои живееле во исклучително тешки услови.

Нејзината хуманитарна дејност постепено прераснала во мисија која добила светски размери, а нејзиното име станало препознатливо низ целиот свет.

Во 1979 година Мајка Тереза ја добила Нобеловата награда за мир, како признание за нејзината долгогодишна работа и помош кон сиромашните, болните и луѓето кои биле во тешка животна состојба.

Мајка Тереза починала на 5 септември 1997 година во Колката, Индија. Во последните години од животот имала сериозни здравствени проблеми поврзани со срцето и белите дробови.

Но, нејзината смрт не ставила крај на интересот за нејзиниот живот и дело.

Од блажена до светица

Само две години по нејзината смрт, папата Јован Павле Втори го започнал диоцезискиот процес за нејзината беатификација и канонизација.

На 19 октомври 2003 година папата Јован Павле Втори ја прогласил за блажена, по што го добила статусот Блажена Мајка Тереза.

Процесот за нејзино прогласување за светица продолжил и во следните години. На 17 декември 2015 година Ватикан соопштил дека папата Франциско го признал и второто чудо што се поврзува со нејзиното застапништво. Станувало збор за случај на човек од Бразил кој имал повеќе тумори на мозокот, а неговото оздравување било прифатено во рамките на процесот за канонизација.

На тој начин бил исполнет условот потребен за нејзино прогласување за светица.

На 4 септември 2016 година, на плоштадот Свети Петар во Ватикан, пред десетици илјади верници, папата Франциско ја канонизирал Мајка Тереза.

Така, жената родена како Агнеса Гонџа Бојаџиу во Скопје станала Света Тереза од Калкута, а нејзиното име останало трајно поврзано со помошта кон сиромашните и најранливите луѓе во светот.