Јелена Ѓоковиќ, сопругата на тениската ѕвезда Новак Ѓоковиќ, во повеќе наврати отворено зборувала за начинот на кој ги воспитуваат своите деца, Стефан и Тара. Некои од принципите што ги применуваат во семејството привлекоа особено внимание во јавноста.
Едно од најважните правила за Јелена и Новак е воспитувањето без физичко казнување. Јелена во една прилика истакна дека нивните деца се првата генерација во двете семејства која не искусила ќотек.
„Моите деца се првата генерација во нашето семејство која никогаш не добила ќотек. Јас добивав од моите родители, мојата мајка пред мене, исто така и татко ми, бабите и дедовците, како и кај Новак“, изјавила таа на панел-дискусија.
Според неа, прекинувањето на таквиот модел претставува значајна промена во начинот на кој родителите реагираат на грешките и емоциите на своите деца.
Зошто не ги дуваат роденденските свеќички?
Уште еден необичен принцип во семејството Ѓоковиќ се однесува на роденденските прослави. Стефан и Тара не ги дуваат свеќичките на тортата, а Јелена објаснила дека причината ја гледа во симболиката на свеќата.
За неа, свеќата претставува светлина, здравје, мир и своевидна жртва – таа согорува за да им даде светлина на другите.
Токму затоа почнала да го преиспитува традиционалниот роденденски обичај според кој славеникот ја гасне свеќата додека замислува желба.
Јелена се запрашала зошто симболот на светлината и животот би требало да се изгасне токму за време на прославата на нечие раѓање, па одлучила во нивното семејство да не го практикуваат овој обичај.
Иако нивните родителски одлуки можеби се невообичаени за дел од јавноста, Јелена во повеќе наврати потенцирала дека таа и Новак настојуваат свесно да ги избираат принципите според кои ги воспитуваат Стефан и Тара.










