ПРВ.мк
Магазин

Некогаш рај за туристи, денес празни улици и хотели: Оваа дестинација се соочува со најтешка криза во туризмот во последните години!

Некогаш рај за туристи, денес празни улици и хотели: Оваа дестинација се соочува со најтешка криза во туризмот во последните години!

Куба, позната по своите егзотични плажи, историски градови и карипски шарм, се соочува со сериозен пад на туристичкиот сектор, кој со години беше еден од најважните извори на приходи за островската држава.

Некогаш преполните туристички места сега изгледаат поинаку – хотелите имаат сè помалку гости, улиците се попразни, а локалните жители велат дека бројот на посетители драстично се намалил.

Според достапните податоци, во првите пет месеци од годинава Куба ја посетиле околу 360.000 странски туристи, што претставува пад од дури 58 проценти во споредба со истиот период минатата година. За споредба, соседната Доминиканска Република во само шест месеци привлекла околу десет пати повеќе посетители.

Особено забележлива е промената во историскиот дел на главниот град Хавана – Ла Хабана Виеха, кој порано бил едно од најпосетените места на островот. Денес, според локалните жители, туристите се појавуваат многу поретко.

Уличниот музичар Елио, кој речиси три децении свири гитара на Плаза Виеха, вели дека атмосферата повеќе не е како порано.

„Можеби сите останале дома. Само еден турист поминува низ местото за еден час“, изјавил тој.

Кризата во туризмот дополнително се продлабочува поради економските проблеми, недостатокот на гориво и новите американски санкции. Ограниченото снабдување со гориво предизвика проблеми во транспортот и енергетскиот систем, а дел од авиокомпаниите морале да откажат летови бидејќи не можеле да обезбедат гориво за своите авиони во Куба.

Дополнителен удар за туристичкиот сектор претставуваат и ограничувањата кон странските компании кои соработуваат со кубанската војска, која управува со голем дел од туристичката инфраструктура. Поради тоа, некои меѓународни хотелски компании се повлекле од пазарот.

Американските власти наведуваат дека санкциите имаат цел да извршат притисок за политички и економски промени, но кубанските економисти предупредуваат дека последиците најмногу се чувствуваат во секојдневниот живот и во секторите зависни од странските посетители.

Туризмот сè уште не успеал целосно да се опорави по пандемијата, а дополнителните економски тешкотии направија патувањето во Куба да стане помалку привлечно за многу туристи.

Луси Дејвис, директорка на туристичката агенција „Кубанија“, вели дека интересот за патувања во земјата значително се намалил поради недостигот на основни производи и економската неизвесност.

„Луѓето можат да прифатат одредени непријатности за време на одмор, но патувањето во Куба денес сè повеќе изгледа како еден вид темен туризам“, изјавила таа.

Таа додава дека нејзината агенција во последно време повеќе се занимава со собирање помош и донации за храна отколку со организирање туристички аранжмани.

И покрај празните хотели и намалениот број посетители, кубанските власти продолжуваат со изградба на нови туристички капацитети. Економските експерти предупредуваат дека големата зависност од туризмот, комбинирана со санкциите и внатрешните економски проблеми, може дополнително да ја отежне ситуацијата во земјата.

Куба, која со децении беше една од најпопуларните карипски дестинации, сега се соочува со предизвик да го врати довербата на туристите и повторно да го оживее секторот што некогаш беше симбол на нејзината економска сила.

Најнови вести