Додека сообраќајот секојдневно е полн со возила и гужви, сè уште владеат старомодни предрасуди кога жените ќе седнат зад воланот. Една од најчестите навредливи фрази што се слуша на улица е: „Жена е, затоа вози така!“ – реченица која го отсликува длабоко вкоренетиот стереотип дека жените се лоши возачи.
Се смета дека жените се несигурни, дека го забавуваат сообраќајот, и дури се верува дека кога една жена вози, целото семејство е помалку безбедно. Овие ставови не само што се погрешни, туку и директно ги обесхрабруваат жените да возат, иако многу од нив имаат возачка дозвола со години.
Но, има и жени кои ѝ пркосат на оваа дискриминација – Жаклина Спиркоска Андоноска е една од нив. Жената што денес е професионален автобуски возач, некогаш била одбивана и исмејувана само затоа што е жена која сака да вози автобус.
"Положив уште во 2002 година за возачка дозвола Д-категорија", раскажува Жаклина. "Во 2007 и 2008 година барав работа, но ми рекоа дека ќе ѝ се наруши угледот на фирмата ако има жена возач. Во 2010 се пријавив во ЈСП Скопје, но ми рекоа дека морам да чекам некој од вработените да се пензионира за да дојдам на негово место."
Сепак, не се откажала. Во 2023 година, конечно ѝ се укажа шанса. Се пријавила на оглас за кондуктер со услов и да вози. И така, 21 година откако ја добила возачката, конечно ѝ се исполни сонот – денес секојдневно вози на релацијата Прилеп – Скопје – Прилеп, како дел од меѓуопштинскиот превоз.
Овој нејзин успех не е единствен случај. Бројот на жени возачи во Македонија постојано расте, иако точни и детални податоци сè уште недостасуваат. Според проценките, жените сочинуваат од 25% до 30% од сите регистрирани возачи, што значи дека на секои четворица возачи, барем еден е жена.
Во последните години, се повеќе жени се запишуваат во автошколи и активно возат – не само лични возила, туку и комерцијални возила, автобуси, па дури и камиони.
Што покажуваат статистиките за безбедноста?
Жените се внимателни и дисциплинирани возачи. Според податоци од сообраќајната полиција, во еден период биле регистрирани над 11.000 сообраќајни несреќи, од кои само 25% биле предизвикани од жени, додека машките возачи биле одговорни за дури 75% од инцидентите.
Стручњаците ова го објаснуваат со фактот дека жените генерално поретко возат пребрзо, не седнуваат зад волан под дејство на алкохол и избегнуваат ризично однесување во сообраќајот.
И покрај сè, жените и понатаму се соочуваат со потценување, и со шеги на нивна сметка. Но, тоа не ги спречува – напротив, тие стануваат сè похрабри, посамоуверени и поискусни.
Современата жена зад воланот е симбол на независност. Таа не само што го вози семејството на одмор или децата до училиште, туку го води сопствениот живот по свој терк. Жените денес возат службени автомобили, патуваат низ државата, и сè почесто се вклучуваат во професии кои порано беа резервирани за мажи – како што е токму примерот со Жаклина.
„Жените возачи се одговорни, посветени и подготвени за предизвикот,“ се вели во последните анализи. Со повеќе поддршка и уривање на предрасудите, иднината зад воланот ќе биде подеднакво и машка и женска.









