По смртта на папата Стефан на 15 август, на неговото место бил избран свети Сикст, роден Атињанец кој најпрво се занимавал со философија, а потоа го примил христијанството. Во тоа време Рим бил место каде што христијаните биле жестоко прогонувани, а самото прифаќање на епископската служба значело голема опасност по животот. Царот Декиј бил решен да го искорени христијанството, па свети Сикст наскоро бил уапсен и изведен пред суд заедно со своите ѓакони Феликисим и Агапит.
Кога ги одвеле во затвор, архиѓаконот Лаврентиј го прашал папата зошто заминува без него, како свој син и ѓакон. Свети Сикст го утешил и му претскажал дека и самиот Лаврентиј наскоро ќе претрпи уште поголеми страдања заради Христа и ќе го следи во маченичката смрт. Набргу потоа Сикст и неговите двајца ѓакони биле погубени, а Лаврентиј бил фатен и затворен.
Пред да биде одведен, Лаврентиј ги средил своите и црковните работи. Како ризничар и економ на црквата, црковните богатства ги доверил на вдовицата Киријакија. Во тој период, со допир на раката, тој ја исцелил од силна главоболка, а на еден слеп човек по име Крискент му го вратил видот. По неговото затворање, Лаврентиј го исцелил и долгогодишниот затвореник Лукилиј, кој бил слеп, а потоа го крстил во христијанската вера.
Сведок на овие настани бил и затворскиот стражар Иполит, кој, восхитен од верата и чудата на Лаврентиј, исто така го примил христијанството. Подоцна и самиот Иполит пострадал за Христа. Лаврентиј, пак, не сакал да се одрече од својата вера и отворено го повикувал царот Декиј да се откаже од идолопоклонството. Поради тоа бил сурово мачен, тепан и измачуван со различни средства.
За време на неговото мачење, еден од присутните војници, по име Роман, поверувал во Христа. Поради својата вера тој веднаш бил погубен. На крајот, Лаврентиј бил ставен врз железна решетка под која бил запален оган. И покрај страшните маки, тој не се откажал од Бога, туку дури и во последните мигови Му благодарел и со храброст го укорувал царот за неговото незнабоштво.
Откако ја предал својата душа на Бога, неговиот пријател Иполит тајно го зел неговото тело во текот на ноќта. Најпрво го однел во домот на Киријакија, а потоа во една пештера, каде што чесно го погребал. Светиот маченик Лаврентиј и останатите христијани пострадале во 258 година.










