ПРВ.мк
Црна Хроника

ОГНОТ СЕ ПРИБЛИЖИЛ ДО КУЌИТЕ: Храбрите пожарникари спречиле голема трагедија во Бонче!

ОГНОТ СЕ ПРИБЛИЖИЛ ДО КУЌИТЕ: Храбрите пожарникари спречиле голема трагедија во Бонче!

Катастрофа била избегната рано утрово во прилепското село Бонче, откако силниот ветер го пренел пожарот кон населеното место, а огнената линија се приближила до куќите, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Пожарот околу 4 часот се спуштил кон долот над селото, при што ситуацијата станала исклучително сериозна. Во гаснењето биле ангажирани доброволни пожарникари од Битола и Кочани, а дополнително била побарана помош од екипи од Прилеп и Кавадарци.

„Благодарение на храбрите пожарникари од Битола и Кочани, селото беше спасено“, изјавил Ангелов.

Теренот бил исклучително тежок, со ридови и висока вегетација, додека огнената линија била долга. Во интервенцијата учествувале и доброволци од Битола, од кои дел се наголтале чад.

Според Ангелов, без навремената интервенција огнот можел да помине низ селото, каде има повеќе од 50 куќи и живеат повеќе од десет лица, меѓу кои и мајка со бебе.

Сериозно и кај Палиград

Критична е состојбата и кај селото Палиград во општина Студеничани. Пожарот таму повеќепати бил ставен под контрола, но повторно се активира поради тешкиот терен, високите температури и силниот ветер.

На терен се ангажирани професионални пожарникари од Скопје, возило „Пинцгауер“ на ДЗС и три „ер трактори“.

Активни пожари има и на териториите на Маврово-Ростуше и Кичево.

Ангелов повторно упати апел до граѓаните да бидат крајно внимателни, предупредувајќи дека една искра може да предизвика голема катастрофа.