Тројца луѓе биле повредени во драматичен инцидент за време на коњски трки во селото Бијељани, во близина на Билеќа во Босна и Херцеговина. Според досегашните информации, возач со автомобил влетал меѓу присутните и удрил повеќе луѓе, по што избегал од местото. Полицијата интензивно трага по осомничениот, а случајот се истражува како обид за тешко убиство.
Полицијата трага по Жељко Вујовиќ од Билеќа, кој е осомничен дека управувал со автомобилот. Заедно со него, според информациите, побегнал и М.С., за кого локалните медиуми наведуваат дека станува збор за Мирко Самарџиќ. Во меѓувреме биле уапсени две лица, Г.Ч. од Билеќа и М.И. од Невесиње, поради сомнение дека му помогнале на осомничениот по извршувањето на делото. За случајот е известено и Окружното јавно обвинителство во Требиње.
Најтешко повреден е маж роден во 1994 година, кој бил примен на интензивна нега во Требиње. Тој е свесен и не ја губел свеста, но има повреди на левото рамо и десната потколеница. Другите двајца повредени се здобиле со полесни повреди и се задржани на болничко лекување.
Според локалните информации, осомничениот Вујовиќ и претходно бил познат на полицијата. Во 2021 година бил осомничен во случај поврзан со киднапирање и претепување на млад човек од Билеќа, по што одреден период бил во бегство. Случајот тогаш предизвикал незадоволство кај локалното население и протести во Билеќа и Требиње поради постапувањето на надлежните институции.
Истрагата продолжува, а полицијата работи на пронаоѓање на осомничениот и утврдување на сите околности под кои дошло до инцидентот.








