43-годишен жител на Велес е приведен откако, според пријава до полицијата, упатувал закани кон својата поранешна сопруга во нејзиниот дом.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека инцидентот се случил ноќеска околу 00:30 часот, кога полициски службеници од СВР Велес интервенирале по добиена пријава за нарушување на безбедноста и закани кон 41-годишна жена.
По пристигнувањето на местото и преземените службени дејствија, полицијата го лишила од слобода И.М. (43) од Велес. При извршените проверки било утврдено дека тој бил под дејство на алкохол, при што мерењата покажале 2,14 промили алкохол во организмот.
Осомничениот бил задржан во полициска станица, а за случајот веднаш бил известен и надлежен јавен обвинител.
Од МВР велат дека по целосното расчистување и документирање на настанот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава согласно законските процедури. Случајот е предмет на понатамошна истрага.










