Ла Ринконада, сместен во Перу, важи за највисокиот град на планетата и едно од најекстремните места за живот. На надморска височина од околу 5.100 метри, жителите секојдневно се соочуваат со сериозен недостиг на кислород – само околу половина од она што го има на морско ниво. Во такви услови, атмосферата е разредена, телото постојано е под стрес, а просечниот животен век се проценува на околу 35 години.
Се верува дека локалното население со генерации се приспособувало на екстремната средина, па нивните организми произведуваат значително повеќе црвени крвни клетки од вообичаеното. Но, и покрај таа биолошка адаптација, животот таму останува исклучително тежок и ризичен.
Во овој суров и непријателски предел денес живеат повеќе од 50.000 луѓе. Речиси сите дошле со една цел – златото. Ла Ринконада често се опишува како „проколнат дел од земјата“, но соништата за брзо богатство ги тераат луѓето да останат, и покрај опасностите по здравјето и животот.
Местото го истражувал италијанскиот авантурист и патеписец Заза, кој до Ла Ринконада патувал повеќе од три часа од градот Хулијака. Според неговите зборови, ова е зона која официјално не се препорачува за туристи.
„Практично се работи за огромна сиромашна населба. Веднаш почувствував вртоглавица. Сме на надморска височина над 5.000 метри, а се вели дека над таа граница животот е речиси невозможен. Сепак, тука живеат десетици илјади луѓе. Тоа е неверојатно“, раскажува Заза.
Заедница под сенката на криминалот
Запуштениот рударски град, според него, е преполн со криминални групи кои се кријат зад маската на рудари. Тие ги ограбуваат минувачите, им ги крадат заработените пари на работниците од рудниците и брзо исчезнуваат меѓу тесните и хаотични улици.
„Тешко е да се разликува кој е рудар, а кој криминалец. Можат да извршат какво било кривично дело и речиси е невозможно да се идентификуваат“, вели тој.
Рударски живот без правила
Рударите секојдневно копаат и пребаруваат карпи во потрага по ситни зрнца злато. Работата е физички исцрпувачка, а условите – нехумани. Ла Ринконада често ја нарекуваат „ничија земја“, бидејќи тесните улички, сиромаштијата и хаосот ја прават работата на полицијата речиси невозможна.
Заза сведочи и за широко распространета злоупотреба на алкохол, што, според него, е обид на луѓето барем накратко да избегаат од суровата реалност.
Локален полицаец му објаснил дека многумина кои ограбуваат рудари, украдените пари ги трошат на алкохол и дрога. Ова се надоврзува на старо локално верување дека „златото полесно се наоѓа кога си пијан“.
„Тоа е обичај овде. Колку повеќе пијат, толку повеќе рудници пронаоѓаат, барем така веруваат“, раскажува полицаецот. На влезовите од рудниците често стојат мали статуи на таканаречениот „чичо“ или „дедо“ – фигура што ја сметаат за заштитник. Рударите секојдневно му оставаат дарови, од цигари до алкохол, со надеж дека ќе им донесе среќа. Легендата вели дека, ако навистина најдат злато, парите мора да ги потрошат на пороци.















