Никола Јокиќ, најдобриот кошаркар на денешницата и трикратен МВП во НБА, неодамна тивко престојувал во мал хотел во италијанскиот град Ферара – без никој да сфати кој е. Газдарицата, целосно несвесна за неговата слава, му пратила слика на сопругот со прашањето: „Кој е овој високиот што ни преспа во хотел?“
Случката ја раскажал Алесандро Запароли, сопругот на газдарицата и анестезиолог, кој кога ја видел фотографијата, веднаш ѝ одговорил: „Тоа е Никола Јокиќ – најдобриот кошаркар на светот!“
Јокиќ, познат по тоа што летата ги минува далеку од медиумите и кошарката, во мир ја посетил Ферара поради неговата голема љубов кон коњите. Истата локација ја посетил и пред неколку години со татко му, со цел да ги види шталите во околината.
Италијанските медиуми ја опишуваат случката како симпатична, а малку и тажна – особено за сопругот кој немал шанса лично да се сретне со кошаркарот. Ова не е првпат некој да не го препознае Јокиќ – пред две години и во Босна, продавачка во маркет не знаела кој е додека купувал пиво.
Јокиќ повторно покажа дека останува скромен, приземен и далеку од славољубието, што го прави уште подрага личност кај фановите.