По 25 години на Петроварадинската тврдина, фестивалот Егзит најави светска турнеја, која ќе го обедини духот на музиката и слободата низ повеќе континенти. Турнејата ќе започне во мај во Истра (Умаг, Хрватска), а во јуни фестивалот ќе пристигне во Македонија. Во август ќе се пресели во Малта, додека во октомври ќе се одржи во Египет, во партнерство со водечкиот промотер Venture Lifestyle.
Новитет е и тоа што во ноември Егзит ќе реализира настан во Индија (Мумбаи), каде музичкиот фестивал ќе се одржи во еден од главните центри на забавната индустрија и Боливуд, како и во Белград.
„И покрај обидите да се затвори Егзит, решивме да се размножиме. Музиката отсекогаш била повеќе од забава – таа е сила што ги зближува луѓето и гради мостови меѓу генерациите, народите и културите. Нашата мисија останува иста: да инспирираме верба во подобар и послободен свет,“ изјави основачот и директор на фестивалот, Душан Ковачевиќ.
Турнејата на Егзит е ново поглавје за фестивалот и прв пат ќе ги пренесе неговите културни и музички вредности надвор од Србија, вклучувајќи ја и Македонија како важна станица.














