Тетовскиот крај има длабока историја во борбата за македонската слобода, а една од најтајните улоги ја имале тетовските пушкари. Во Тетово, во посебни работилници на реката Пена, се изработувале манлихерови пушки, берданки и прочуените тетовски „мартинки“ – оружје што станало главна поддршка за македонските чети за време на Илинденското востание.
Оружјето се произведувало тајно и се префрлувало кон Кичевско преку мрежа доверливи луѓе. Пушките прво се криеле во селото Блаце, а потоа се носеле преку планинските премини, натоварени заедно со грнци, за да не предизвикуваат сомнеж кај турските патроли.
Но Тетовскиот Местен комитет не се грижел само за оружје. Тој формирал и тајна аптека која ги снабдувала четите со лекови и санитетски материјал, обезбедувајќи им поддршка во борбите.
По задушувањето на востанието, дел од четите продолжиле да дејствуваат во шумските предели на Сува Гора, Поречје и Кичевско. Четата на Софре Ѓорѓиевски од Радиовце одржувала отпор цели две години, додека османлиската власт не успеала да ги скрши со масовни апсења.
На 28 февруари 1905 година, во т.н. Тетовска провала, биле уапсени истакнати членови на ВМРО и илинденци, меѓу кои Христо Червенелеков, Глигор Михајлов, Сане Ристов – Гуле и Ристо Костов – Сичан. Многу од нив биле осудени на доживотна робија, а други повеќегодишни казни во турските затвори. Некои се вратиле дома како старци, додека други го положиле животот за слободата на Македонија.
Тетовските пушкари и тајните работилници остануваат симбол на храброста и упорноста на македонскиот народ во борбата за слобода.
















