Собранието денеска ги изгласа измените на Законот за додадена вредност (ДДВ), со кои за нарачките од странство над 22 евра ќе се плаќа 18% данок. Законот стапува на сила осум дена по објавата во Службен весник, што значи дека од наредната недела нарачките од „Тему“, „АлиЕкспрес“ и другите онлајн продавници од странство ќе бидат оданочувани.
Според измените, целта е да се избрише ослободувањето од ДДВ за увоз на пратки со мала вредност испорачани од странство, чија вкупна вредност по пратка не надминува 22 евра во денарска противвредност. Измената предвидува ослободување од данок само за мали пратки од некомерцијална вредност, испратени од физичко лице на физичко лице, но не се применува за алкохол и алкохолни пијалоци, парфеми и тоалетна вода, тутун и преработки од тутун.
Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, појасни дека основната причина за измените е создавање појасна правна рамка, спречување злоупотреби и обезбедување пофер и порамноправна положба на малите бизниси во земјава со тие во странство при плаќање ДДВ.
За измените „за“ гласаа 59 пратеници, додека 12 беа „против“.
















