Претставници на Данското претседателство со Советот на ЕУ и на Европскиот парламент денеска постигнаа договор за создавање на онлајн платформа наречена „ЕУ Базен на таленти“. Платформата има за цел да го олесни регрутирањето на работници од земји што не се членки на Унијата за работа во секторите каде што има недостиг на труд во ЕУ.
Учеството на земјите членки ќе биде на доброволна основа, а платформата ќе ги поврзува компаниите со слободни работни места со профилите на лицата од трети земји кои бараат работа и живеат надвор од Унијата.
Целта на „Базенот на таленти“ е да го направи пазарот на трудот поконкурентен и да помогне во решавањето на проблемот со недостигот на работна сила. Платформата ќе обезбеди целосни информации за правата и условите за работа во ЕУ за барателите од трети земји.
Лицата кои ќе се регистрираат ќе можат да создадат профили со информации за своите вештини, квалификации, работно искуство и јазични способности.
Оние кои ќе добијат работа преку платформата, ќе мора да ги следат националните процедури за дозволи за престој и работа во соодветните земји членки.
За да се спречи злоупотреба и експлоатација, платформата ќе обезбеди транспарентност за работодавачите и нивното досегашно почитување на законодавството на ЕУ.
Договорената регулатива за формирање на „ЕУ Базен на таленти“ сега треба да биде официјално одобрена од земјите членки и Европскиот парламент, по што платформата ќе стапи во сила.
















