ПРВ.мк
Магазин

СКИЈАЊЕТО СТАНУВА ЛУКСУЗ: Цените на ски-картите скокнаа за 40%

СКИЈАЊЕТО СТАНУВА ЛУКСУЗ: Цените на ски-картите скокнаа за 40%

Цените на ски-картите во Италија доживеаја енормен раст, па според најновото истражување, скијањето полека станува привилегија само за богатите.

Истражувањето на асоцијацијата Асутенти открива дека од Алпите до Доломитите, па сè до централниот регион Абруцо, цените на ски-картите се зголемиле за најмалку 40% во однос на 2021 година.

Претседателот на Италијанското здружение на потрошувачи, Габриеле Мелусо, предупредува дека „скијањето станува спорт за елитата, а не за народот“, бидејќи цените сега се толку високи што многу Италијанци се принудени да се откажат од своите традиционални зимски патувања.

Еден од најпознатите примери е картичката „Доломити Суперски“, која овозможува пристап до 12 ски-одморалишта во Доломитите и оваа сезона ќе чини 86 евра дневно. Во Рокарас, популарното одморалиште во Абруцо, каде цените дополнително скокнаа поради промоции на социјалните мрежи, ски-картата ќе изнесува околу 60 евра.

Сезонските карти, пак, ќе чинат од 755 евра по лице во Рокарас до 1.800 евра во долината Аоста, што претставува историски рекорд.

Освен самите ски-карти, поскапеле и цените на хотелското сместување, изнајмување опрема и ресторани, што дополнително ја прави зимската авантура недостапна за просечниот турист.

Иако операторите на ски-центри го правдаат растот со високите цени на енергијата и одржувањето на инфраструктурата, експертите тврдат дека тоа не е целосно оправдано. „Трошоците се вратија во нормала, а инфлацијата е под контрола – ова зголемување е неприфатливо,“ вели Мелусо.

Последиците веќе се видливи: во сезоната 2024/25, Италија забележала еден милион помалку скијачи во споредба со претходните години – јасен показател дека високите цени го гушат зимскиот туризам.

И покрај сè, Италија и натаму е најевтината ски-дестинација во Западна Европа, пред Швајцарија, Франција и Австрија, но трендот на постојан раст на цените буди страв дека скијањето наскоро ќе стане спорт на избраните.

Не дознавај последен- читај ПРВ.мк

Escape