Во светот започна првото клиничко испитување на генска терапија чија цел е старите клетки повторно да добијат карактеристики на помлади клетки. Првиот пациент веќе ја примил експерименталната терапија, што претставува значаен чекор во истражувањата поврзани со стареењето и регенеративната медицина.
Терапијата не е наменета за подмладување на целото тело, туку во оваа фаза се тестира како можен третман за одредена форма на глауком – заболување што може да доведе до трајно губење на видот. Научниците се надеваат дека со активирање на три специфични гени ќе се поттикне обновување на оштетените клетки на очниот нерв, кои кај возрасните лица природно не се регенерираат.
Испитувањето го спроведува биотехнолошката компанија „Лајф Бајосајенсис“ од Бостон, која претходно ги тестирала истите методи кај лабораториски животни. Според досегашните резултати, не биле забележани сериозни несакани ефекти, но експертите предупредуваат дека е прерано за големи заклучоци бидејќи ова е прво тестирање кај луѓе.
Во првата фаза ќе бидат вклучени до 12 пациенти со глауком, а подоцна и лица со друго заболување на очниот нерв. Истражувачите користат специјален вирус како носач за внесување на гените во клетките, а нивното активирање се контролира со антибиотик, што овозможува терапијата да се исклучи доколку се појават несакани реакции.
Иако резултатите од претклиничките истражувања будат големи надежи, научниците нагласуваат дека ќе бидат потребни години дополнителни испитувања за да се утврди дали терапијата е безбедна и ефикасна. Доколку се покаже успешна, таа би можела да отвори сосема ново поглавје во лекувањето на болести поврзани со стареењето и регенерацијата на човечките клетки.









