Instagram официјално започна со глобално воведување на една од најбараните функции меѓу корисниците – можност за промена на редоследот на објавите на профилот без оглед на датумот на нивното објавување.
Со оваа новина, корисниците добиваат значително поголема контрола врз визуелниот изглед на своите профили, што особено ќе им користи на инфлуенсерите, брендовите и креаторите на содржини кои внимателно ја планираат естетиката на својата Instagram мрежа.
Функцијата беше најавена уште минатата година од првиот човек на Instagram, Адам Мосери, а сега конечно станува достапна за корисниците ширум светот.
Досега објавите на профилите се прикажуваа исклучиво по хронолошки редослед, освен за оние кои беа рачно закачени на врвот. Со новото ажурирање, корисниците можат слободно да ги преместуваат фотографиите и видеата на посакувани позиции и да создадат изглед што најмногу им одговара.
Процесот е едноставен. Потребно е да се отвори профилот и подолго да се притисне на која било објава. Потоа се појавува нова опција за реорганизација на мрежата, преку која содржините можат да се влечат и поставуваат на нови позиции.
Од Meta велат дека долго време работеле на ова решение за да обезбедат беспрекорно корисничко искуство и стабилност на платформата.
Новата функција се смета за една од најзначајните промени на Instagram во последните години, бидејќи им овозможува на корисниците нивниот профил да изгледа токму онака како што тие замислиле, без ограничувања поврзани со времето на објавување на содржините.






