ПРВ.мк
Магазин

Најголемата летна грешка со цвеќињата: Повеќето ги уништуваат токму вака!

Најголемата летна грешка со цвеќињата: Повеќето ги уништуваат токму вака!

Летните месеци се период кога повеќето собни растенија растат најинтензивно, но истовремено се изложени на високи температури, сув воздух и силно сонце. Затоа правилната нега и полевање се особено важни за нивното здравје.

Во текот на летото почвата побрзо се суши, па потребно е редовно да се проверува нејзината влажност. Повеќето собни билки имаат потреба од почесто полевање отколку во зимскиот период, но претерувањето со вода може да биде подеднакво штетно како и сушата. Водата која останува во подлошката често предизвикува гниење на коренот и пропаѓање на растението.

Одредени видови, како тропските растенија и спатифилумот, сакаат почвата да биде постојано благо влажна, додека кактусите и сукулентите бараат земјата целосно да се исуши пред повторно полевање.

Најдобро време за полевање е рано наутро или доцна попладне, кога температурите се пониски. Така растението подобро ја искористува влагата, а водата не испарува пребрзо.

Покрај полевањето, важна е и влажноста на воздухот. Климата и сувиот воздух можат негативно да влијаат врз некои билки, па кај одредени видови се препорачува повремено прскање на листовите. Сепак, тоа не е неопходно за сукулентите и кактусите.

Треба да се внимава и на изложеноста на сонце. Иако многу растенија сакаат светлина, директните пладневни сончеви зраци можат да предизвикаат оштетување и изгореници на листовите. Затоа за чувствителните видови е подобро место со полусенка или индиректна светлина.

Основното правило кое го препорачуваат искусните љубители на цвеќе е едноставно – подобро растението да биде малку посуво отколку постојано натопено со вода, бидејќи вишокот влага е една од најчестите причини за пропаѓање на собните билки.