Лошата исхрана и недоволната физичка активност се меѓу главните причини за растечкиот проблем со зголемена телесна тежина и дебелина, кој зема сè поголем замав и во светот и кај нас.
Податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат загрижувачка слика: 62,7% од мажите и 48,4% од жените над 18 години имаат зголемена телесна тежина. Дополнително, 19,6% од мажите и 17,2% од жените веќе се соочуваат со дебелина.
Состојбата е алармантна и кај најмладите. Според анализите на ИЈЗ, во периодот од 2010 до 2016 година се забележува континуиран раст на бројот на деца со вишок килограми. Кај момчињата процентот пораснал од 37,9% на 39,4%, а кај девојчињата од 31,5% на 32,9%. И бројот на деца со дебелина бележи раст, што дополнително ги загрижува експертите.
Лекарите предупредуваат дека проблемот не е само во недостаток на знаење, туку во начинот на живот. Сè почест е седечкиот стил на живеење, недостигот на физичка активност и големата достапност на преработена храна и брза исхрана.
„Имаме малку движење, недоволно спорт и премногу преработена храна. Во исто време, порциите се сè поголеми, а навиките сè полоши“, истакнуваат од ИЈЗ.
Стручњаците предупредуваат дека зголемената телесна тежина директно го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, дијабет тип 2 и малигни болести. Според нив, лицата со дебелина се соочуваат со значително намален квалитет на живот.
Од Институтот апелираат дека решавањето на овој проблем бара заедничка акција на државата, здравствениот систем и целото општество, преку промена на навиките и поголема превенција.








