Научници сугерираат дека хемикалија пронајдена во темното чоколадо би можела да помогне во забавување на стареењето. Студијата се фокусирала на теоброминот – соединение кое се наоѓа во растението какао – и ја споредила неговата концентрација во крвта со маркери на биолошко стареење. Овие маркери покажуваат колку е старо телото во однос на здравјето и функцијата, а не според календарските години на живот.
Иако експертите не советуваат луѓето да јадат поголеми количини чоколадо, тие велат дека наодите можат да помогнат во идентификување на секојдневни намирници кои носат индиции за поздрав и подолг живот.
Теоброминот е релативно неистражен диететски фитонутриент, кој е поврзан со здравствени придобивки и зголемен животен век, но има ограничено истражување за неговите ефекти кај луѓето.
Анализата, спроведена од експерти од Кингс колеџ во Лондон, вклучувала 509 лица од Велика Британија и 1.160 лица од студијата Кора во Германија. Научниците забележале „значајна поврзаност“ помеѓу нивоата на теобромин во крвта и побавното биолошко стареење.
Главниот научник на Кингс колеџ во Лондон, Рами Саад, кој е и доктор по клиничка генетика, изјави:
„Ова е многу возбудливо откритие, а следните важни прашања се што стои зад оваа врска и како можеме понатаму да ги истражиме интеракциите помеѓу метаболитите во исхраната и нашиот епигеном. Овој пристап би можел да доведе до важни откритија за стареењето и за честите и ретките болести.“
Џордана Бел, професорка по епигеномика на Кингс колеџ, додаде:
„Нашата студија наоѓа врски помеѓу клучна компонента на темното чоколадо и подолгото останување помлади. Иако не велиме дека луѓето треба да јадат повеќе темно чоколадо, ова истражување ни помага да разбереме како секојдневната храна може да содржи индиции за поздрав и подолг живот.“
Научниците истражувале и други молекули пронајдени во какаото и кафето, но ефектот се покажал специфичен за теоброминот. Тимот сега работи на утврдување дали ефектот врз биолошкото стареење е единствен за теоброминот или дали соединението делува во комбинација со други хемикалии во темното чоколадо, како полифенолите – моќни антиоксиданси присутни и во овошјето, зеленчукот, чајот, кафето и виното.
















