ПРВ.мк
Македонија

НОВА ОДЛУКА ЗА „ТАЛИР“: Апелација пресече по жалбата – еве што утврди судот за Груевски!

НОВА ОДЛУКА ЗА „ТАЛИР“: Апелација пресече по жалбата – еве што утврди судот за Груевски!

Апелациониот суд Скопје донесе одлука по предметот „Талир“, кој во јавноста е познат по постапката поврзана со поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Од Судот денеска информираа дека по разгледувањето на предметот е донесена пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје е одбиена како неоснована, а првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје е потврдена.

Одлуката е донесена на 26 август 2026 година, по одржана нејавна седница, при што судот ги разгледал списите во предметот и го зел предвид и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје.

Во образложението, Апелациониот суд наведува дека при одлучувањето оценил оти дејствијата што ги презел обвинетиот Н.Г. од С., како одговорно лице во правното лице, биле во рамките на неговите овластувања.

Според оценката на судот, во постапката не биле изведени докази од страна на Основното јавно обвинителство Скопје со кои би се докажало дека постапувањето на обвинетиот било спротивно на Законот за финансирање на политичките партии.

Еден од клучните моменти во одлуката се однесува на градежната компанија „Бетон“ и нејзиниот статус во времето кога биле склучувани договорите со политичката партија.

Апелациониот суд оценил дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека ГП „Бетон“ во моментот на склучувањето на договорите имал својство на субјект кој вршел јавни услуги во смисла на Законот за финансирање на политичките партии.

Оттаму, според судот, не постоела законска забрана компанијата да донира средства на политичката партија.

Воедно, судот оценил дека не постоела ниту обврска обвинетиот, како одговорно лице на политичката партија, да ги врати тие средства.

Со оваа одлука, Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, откако обвинителството поднесе жалба против неа.

Од Апелациониот суд дополнително информираат дека јавноста ќе биде известена за објавувањето на целосната одлука по предметот.

Одлуката ќе биде достапна во целост на веб-страницата на Судот, согласно одредбите од Законот за судовите и Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Предметот „Талир“ со години привлекува големо внимание во јавноста поради неговата поврзаност со финансирањето на политичка партија и постапувањето на одговорните лица. Со најновата одлука, Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда, додека деталите за одлуката ќе бидат познати со нејзиното целосно објавување.