ПРВ.мк
Црна Хроника

АЛАРМ ЗА РОДИТЕЛИТЕ: Илјадници деца во Македонија биле мета на сексуална злоупотреба преку интернет, а податокот за сторителите особено загрижува!

АЛАРМ ЗА РОДИТЕЛИТЕ: Илјадници деца во Македонија биле мета на сексуална злоупотреба преку интернет, а податокот за сторителите особено загрижува!

До 12.000 деца на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија во период од една година можеби биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба поврзана со користењето на технологијата, покажуваат податоците од истражувањето „Disrupting Harm“.

Наодите отвораат сериозни прашања за безбедноста на децата во дигиталниот простор, особено поради фактот што злоупотребата во најголем број случаи не доаѓала од целосно непознати лица.

Според истражувањето, во 78 отсто од случаите сторителот бил лице кое детето го познавало. Само во пет отсто од случаите се работело за непознато лице.

Дополнително загрижува тоа што во 48 отсто од случаите децата биле изложени на повеќе од една форма на сексуална злоупотреба или експлоатација. Според презентираните податоци, подеднакво биле засегнати и момчињата и девојчињата.

Кога станува збор за возраста на сторителите, во 57 отсто од случаите биле вклучени возрасни лица, додека во 22 отсто биле врсници на децата.

Во 39 отсто од случаите бил вклучен сегашен или поранешен интимен партнер, односно лице кон кое детето чувствувало симпатии. Во 27 отсто од случаите бил вклучен член на семејството.

Истражувањето покажува дека социјалните мрежи биле најчестата средина во која се случувала злоупотребата. Во 52 отсто од случаите биле користени платформи на социјалните медиуми, додека во 30 отсто биле користени платформи поврзани со онлајн игри.

Меѓу платформите кои најчесто биле споменувани во истражувањето се Инстаграм со 76 отсто, Снепчет со 55 отсто и ТикТок со 51 отсто. Потоа следуваат Ватсап со 40 отсто, Фејсбук со 34 отсто, Јутјуб со 29 отсто и Икс со 21 отсто.

Најчестата форма на злоупотреба била изложување на децата на сексуална содржина без нивна согласност. Во истражувањето биле евидентирани и случаи во кои од децата било барано да споделуваат фотографии или видеоснимки на кои се прикажани нивните интимни делови.

Последиците од ваквите искуства можат да бидат сериозни. Истражувањето регистрира значително повисоки нивоа на анксиозност кај децата кои биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата, како и присуство на чувства на срам, губење контрола, стрес и проблеми со спиењето.

Особено алармантен е наодот поврзан со самоповредувањето и самоубиствените мисли и однесувања. Според истражувањето, кај изложените деца била утврдена 11 пати поголема веројатност за самоповредување и 12 пати поголема веројатност за појава на самоубиствени мисли и однесувања во споредба со децата кои не биле изложени на ваква злоупотреба.

Иако голем дел од децата сепак му кажале на некого што им се случило, институционалните пријави биле исклучително ретки.

Податоците покажуваат дека 88 отсто од децата разговарале со некого за злоупотребата, но само еден отсто го пријавиле случајот во полиција. Уште еден отсто се обратиле во центар за социјална работа, додека само 0,2 отсто контактирале со линија за помош.

Токму овој огромен јаз меѓу бројот на случаи за кои децата зборуваат и бројот на случаи кои стигнуваат до институциите е еден од најсериозните аспекти истакнати во извештајот.

На презентацијата на истражувањето, заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени оцени дека наодите претставуваат важен чекор во подоброто разбирање на ризиците со кои децата се соочуваат во дигиталната средина.

Тој посочи дека забрзаната дигитализација носи бројни придобивки, но истовремено создава и нови можности за злоупотреба и експлоатација. Поради тоа, според него, потребен е координиран пристап меѓу институциите, стручната јавност и граѓанскиот сектор.

Исени нагласи дека резултатите од истражувањето можат да помогнат во унапредувањето на законската рамка, подобрувањето на поддршката за професионалците кои работат со деца и зајакнувањето на механизмите за превенција и заштита.

Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, оцени дека резултатите се длабоко загрижувачки и дека бараат итна и координирана реакција од институциите, граѓанското општество, приватниот сектор и локалните заедници.

Таа предупреди дека станува збор за „скриена криза“, особено поради големата разлика меѓу распространетоста на злоупотребата и бројот на случаи кои официјално се пријавуваат.

Според Милер, токму малиот број формално пријавени случаи покажува дека значителен дел од проблемот останува надвор од видикот на институциите.

Таа истакна дека одговорноста за безбедноста не смее да се префрла врз децата. Возрасните и институциите имаат обврска да преземаат мерки за спречување на злоупотребата, навремено да реагираат кога ќе се појави проблем и да создадат безбедна средина за децата и на интернет и во секојдневниот живот.

Истражувањето „Disrupting Harm“ е дел од повеќедржавна програма финансирана преку Safe Online. Програмата ја спроведуваат ECPAT International, Интерпол и Истражувачката и прогностичка канцеларија на УНИЦЕФ – Innocenti, во партнерство со национални институции и организации.

Наодите се предупредување дека дигиталната безбедност на децата не е само прашање на внимателно користење на интернетот, туку и на навремена институционална заштита, подигнување на свеста и создавање услови децата да можат да побараат помош кога ќе се соочат со злоупотреба.