Двајца жители на демиркапиското село Корешница се осудени на затворски казни од шест и четири години поради грабнување на 21-годишен жител на Неготино. Пресудата вчера ја донел Основниот суд Кавадарци.
Првообвинетиот Б.М. е осуден на шест години затвор, додека Ќ.С. добил четиригодишна затворска казна. По донесената пресуда, на двајцата им е продолжен притворот до нејзината правосилност.
Во текот на судската постапка, обвинетите го признале делото и изразиле жалење за стореното.
Во случајот било спроведено и психијатриско вештачење. По наодот, обвинението против првообвинетиот претрпело одредени измени, бидејќи било утврдено дека во времето на делото тој бил во состојба на битно намалена пресметливост поради трајна душевна болест, односно хронична психоза, параноја и патолошка љубомора.
Случајот во јавноста беше обелоденет во април, кога СВР Велес информираше дека полицијата ги уапсила Б.М. (37) и Ќ.С. (30), двајцата од Корешница.
Според тогашните полициски информации, двајцата со автомобил „мерцедес“ со демиркаписки регистарски ознаки противправно лишиле од слобода 21-годишник од Неготино. Младиот човек бил внесен во возилото, а потоа му биле упатувани закани со пиштол и остар предмет.
Но, според обвинителството, причината поради која бил грабнат била уште поконкретна.
Двајцата, според обвинението, имале намера да го присилат младиот Неготинец да сними изјава со која би признал дека ја силувал сопругата на првоосомничениот.
На 12 април, тие го земале оштетениот со автомобил од дворот на неговата куќа во Неготино и тргнале по стариот пат кон Демир Капија.
За време на патувањето, според Обвинителството, му се заканувале по живот и го удирале. Неговиот мобилен телефон бил фрлен, а на главата му биле ставени црни ќеси со цел да не може да види каде го носат.
Кога пристигнале во шумски предел, го извадиле од возилото и продолжиле со притисоците врз него.
Според обвинителските наводи, му пуштале аудиоснимки и барале од него да признае дека тој е лицето кое се слуша или се гледа на снимките. Младиот човек, сепак, во текот на целиот настан го негирал тоа.
Откако не успеале да добијат признание, ситуацијата станала уште посериозна. Според обвинението, двајцата му се заканувале дека ќе го силуваат и ќе го убијат, а физички го напаѓале со боксови и пластична цевка.
Како последица на нападот, оштетениот се здобил со тешки телесни повреди.
И покрај тоа што му бил одземен телефонот, младиот човек успеал да испрати порака за помош до полицијата пред уредот да биде фрлен. Дополнително, соседите го забележале моментот кога бил внесен во автомобилот, што им помогнало на надлежните во понатамошното постапување.
Полицијата врз основа на добиените информации успеала да ги идентификува осомничените и да стапи во контакт со нив.
Кога двајцата сфатиле дека полицијата веќе работи на случајот и дека нивното постапување е откриено, според информациите од истрагата, го однеле оштетениот во полициската станица во Неготино.
На 14 април, Основниот суд во Кавадарци им определил притвор на двајцата осомничени.
Сега, по завршувањето на судската постапка, тие добија затворски казни од шест и четири години. Притворот им е продолжен до правосилноста на пресудата.







