ПРВ.мк
Македонија

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ТРОШЕЊЕ НА ЈАВНИТЕ ПАРИ: Собранието усвои важни законски измени!

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ТРОШЕЊЕ НА ЈАВНИТЕ ПАРИ: Собранието усвои важни законски измени!

Собранието на Република Северна Македонија, на 122. седница, ги усвои измените на Законот за јавните набавки, со кои се предвидуваат поголема транспарентност, засилена конкуренција и поефикасна контрола на трошењето на јавните средства.

Една од клучните новини е задолжителната примена на критериумот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет“, со што при изборот на понудите ќе се оценува не само цената, туку и квалитетот и долгорочната исплатливост.

Вештачка интелигенција за откривање неправилности

Со законските измени се прошируваат надлежностите на Бирото за јавни набавки за користење современи дигитални алатки, вклучително и решенија базирани на вештачка интелигенција.

Целта е подобро следење на постапките, навремено откривање ризици и препознавање можни злоупотреби.

Предвидена е и автоматска размена на податоци меѓу институциите, како и унапредување на Електронскиот пазар за набавки од мала вредност.

Поголема транспарентност и нови правила

Измените воведуваат дополнителни обврски за објавување известувања во одредени постапки што се спроведуваат без јавен оглас.

Наместо периодично повторно полагање испити, службениците за јавни набавки ќе бидат опфатени со систем на континуирано професионално усовршување.

Се приспособуваат и вредносните прагови за јавните набавки, како и надоместоците во жалбените постапки.

Законските измени се дел од реформите за усогласување со европските стандарди, а нивната цел е поголема конкуренција, поодговорно трошење на јавните пари и намалување на ризиците од неправилности.