ПРВ.мк
Балкан

„Ова е најголемата корупциска афера во Хрватска за која никој не зборува“: И поранешниот директор молчи

„Ова е најголемата корупциска афера во Хрватска за која никој не зборува“: И поранешниот директор молчи

Сериозни неправилности во трошењето европски средства го потресуваат аеродромот „Руѓер Бошковиќ“ во Дубровник, кој бил принуден да врати дури 22 милиони евра поради проблематични постапки за јавни набавки.

Станува збор за проект за модернизација реализиран во периодот од 2013 до 2017 година, за кој биле обезбедени околу 200 милиони евра од европските фондови.

Актуелниот директор Виктор Шобер потврдил дека дел од средствата биле вратени, а дел одземени преку финансиски корекции, поради што аеродромот морал да користи сопствени средства и кредити.

„Најголема корупциска афера со европски пари“

Градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ, го оцени случајот како најголема корупциска афера со европски средства во Хрватска за која јавноста речиси не зборува.

Тој го посочил поранешниот директор Роко Толиќ, кој бил сменет во 2018 година, а денес раководи со аеродромите во Црна Гора.

Наместо цевки за гориво, вградиле канализациски

Особено загрижувачки се неправилностите при изградбата на системот за снабдување авиони со гориво.

Според претставници на аеродромот, биле вградени цевки што вообичаено се користат за канализациски системи, поради што скапо платената инфраструктура со години останува неупотреблива.

Ангажирана германска компанија проценила дека за отстранување на недостатоците се потребни дополнителни милионски инвестиции.

Поранешниот директор Роко Толиќ одбил да ги коментира обвинувањата, додека се очекува одговор од Европското јавно обвинителство за евентуална истрага.

И покрај вратените милиони евра, дел од инфраструктурните проекти сè уште не можат да се користат.