Основното јавно обвинителство Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против уште шест лица за кривични дела поврзани со поткуп, злоупотреба на службената положба, оддавање службена тајна и фалсификување службени документи.
Според Обвинителството, двајца даночни контролори од Управата за јавни приходи побарале и примиле подароци, меѓу кои очила и рачен часовник, за однапред да откриваат информации за ненајавени контроли во дискотеката „Пулс“ во Кочани и поврзани фирми.
Еден од обвинетите, како што се наведува, преку Вибер испраќал информации за активностите на УЈП и Министерството за внатрешни работи.
Прикривале неправилности, буџетот оштетен за 98.400 денари
Обвинителството тврди дека при контрола на 6 март 2024 година биле откриени даночни неправилности и нерегистриран промет, но тие не биле внесени во службениот записник.
Со тоа, според обвинението, државниот буџет бил оштетен за 98.400 денари, колку што изнесувала ненаплатената глоба.
Еден од контролорите дополнително се товари и за фалсификување службен извештај.
Обвинета и вработена во Државниот пазарен инспекторат
Со обвинителниот предлог се опфатени уште четворица даночни контролори и инспектори, како и вработена во Државниот пазарен инспекторат, која наводно откривала кога ќе се спроведуваат акциски контроли.
Обвинет е и реалниот сопственик на фирмите, за помагање во злоупотреба на службената положба.
За уште четири лица опфатени со првичната пријава, постапката е запрена за две поради застареност, а за останатите две не бил утврден основ за кривично гонење.
Обвиненијата допрва треба да бидат разгледани пред суд, а вината на обвинетите не е правосилно утврдена.









