ПРВ.мк
Македонија

НИТУ ЕДЕН ЗАТВОР ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА МЕДИЦИНСКИ КАДАР 24 ЧАСА: Народниот правобранител откри сериозни пропусти!

НИТУ ЕДЕН ЗАТВОР ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА МЕДИЦИНСКИ КАДАР 24 ЧАСА: Народниот правобранител откри сериозни пропусти!

Сериозен недостиг од медицински персонал, долги чекања за специјалистички прегледи и прекини во терапијата се дел од проблемите со кои се соочуваат лицата лишени од слобода во македонските затвори.

Ова го покажува истражувањето на Народниот правобранител, кое опфатило 11 казнено-поправни установи во земјава.

Според податоците, ниту една од анализираните установи нема обезбедено здравствен персонал на дежурство 24 часа дневно, додека во четири затвори медицинската грижа се обезбедува само повремено или по повик.

Еден лекар се грижи за 691 лице во „Идризово“

Особено загрижувачка е состојбата во најголемиот затвор во земјава.

Според заменик-народната правобранителка Соња Трифуновска, во „Идризово“ на еден лекар отпаѓаат околу 691 лице, додека препорачаниот сооднос е еден лекар на приближно 300 лица.

Дополнително, една медицинска сестра или техничар се грижи за речиси 461 лице.

Пренатрупаност во седум затвори

Истражувањето покажало дека во седум од 11 установи постои пренатрупаност, што дополнително го отежнува обезбедувањето соодветна здравствена заштита.

Меѓу утврдените проблеми се и недостигот од возила за транспорт до болници, одложените дијагностички процедури и нерамномерната достапност на лекови.

Народниот правобранител бара итно подобрување на кадровската покриеност, воспоставување јасни правила за медицински дежурства во текот на ноќта и викендите, како и подобра организација на грижата за менталното здравје.

Во извештајот се нагласува дека правото на здравствена заштита важи за сите граѓани, вклучително и за лицата лишени од слобода, а медицинските услуги мора да бидат навремени и достапни во сите казнено-поправни установи.