Државните институции и службениците кои одбиваат да прифатат законски валидни електронски документи ќе се соочат со прекршочни санкции доколку продолжат да ги прекршуваат законските обврски.
Ова го најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во гостување во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер.
Според министерот, Министерството веќе испраќа прирачници и опомени до институциите, со кои ги информира за обврската да ги признаваат електронските документи.
Прво опомена, потоа казна
Андоновски објасни дека пред изрекувањето санкции, институциите ќе добијат предупредување и можност да ги отстранат неправилностите.
„Пред да почнеме да казнуваме, праќаме ургенција во која велиме дека тоа е спротивно на закон“, истакна министерот.
Тој најави дека Инспекторатот во рамките на Министерството ќе спроведува контроли, а прекршочните глоби ќе можат да се однесуваат и на одговорните лица и на службениците.
Граѓаните ќе одлучуваат кои лични податоци ги споделуваат
Министерот се осврна и на воведувањето електронски документи со QR-код, преку кој граѓаните ќе можат да контролираат кои информации ги споделуваат.
На пример, при користење услуги во банка, службеникот ќе го скенира кодот, а граѓанинот ќе треба да одобри споделување на бараните податоци.
Андоновски потсети и на случаи кога институции одбивале електронски потврди издадени од други државни органи, нагласувајќи дека таквата практика мора да престане.
Целта на мерките е граѓаните да не бидат принудени да доставуваат хартиени документи кога веќе поседуваат законски валидна електронска верзија, а институциите доследно да ги применуваат правилата за дигитално работење.






