Министерот за култура и туризам истакна дека фестивалот „Браќа Манаки“ не е само прикажување на филмови, туку вистинска лабораторија на светлина и сенка, каде филмот создава вистинска алхемија – спој на реалност и сон, ризик и визија.

Според министерот, филмот е отпечаток на реалноста, но и предвидување на иднината. Тој ја потенцираше потребата да се создадат услови за новите генерации автори, кинематографери и продуценти, за да можат смело да ја раскажат својата вистина.

Министерот додаде дека филмот нема да биде статист во културната приказна на Македонија, туку водечки лик, со континуирана, модерна и храбра поддршка од Министерството за култура и туризам.

Фестивалот, како што нагласи, е исчекор во светот на седмата уметност и го потврдува присуството на Македонија на европската филмска сцена. Тој им честиташе на овогодинешните лауреати и изрази признание за организаторите и градот Битола за успешно реализираното издание на фестивалот.







